Празнични светилки, креативни украси и новогодишна магија – скопјани и годинава ќе имаат можност да ја покажат својата креативност и да освојат награди во рамките на манифестацијата „Украсуваме по скопски 2027“.
Град Скопје ги повикува граѓаните да придонесат за создавање празнична атмосфера, претворајќи ги своите домови, дворови, тераси и деловни објекти во вистински новогодишни катчиња.
Натпреварот ќе се одвива во четири категории:
- Најубаво новогодишно украсен двор;
- Најубаво новогодишно украсена тераса;
- Најубаво новогодишно украсен деловен или угостителски објект;
- Најубав средношколски расказ на тема новогодишни желби и празнувања.
Пријавувањето започнува на 1 декември и ќе трае до 21 декември 2026 година.
За учество во натпреварот, граѓаните треба да испратат фотографии од своите украсени објекти, заедно со контакт телефон и адреса, на електронската адреса poddrshkanagradonachalnik@skopje.gov.mk или по пошта на булевар „Илинден“ бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски 2027“.
Можност да бидат дел од празничната приказна ќе имаат и средношколците, кои преку своите литературни творби ќе можат да ги споделат новогодишните желби, соништа и доживувања.
За изборот на најдобрите ќе одлучува жири-комисија составена од претставници на медиумите, која ќе ги посети пријавените објекти и ќе ги оцени пристигнатите раскази.
Најкреативните учесници во сите категории ќе добијат пригодни награди од Град Скопје.
Дополнителни информации за учеството се достапни на телефонскиот број 02/3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот.