Македонија

Нема податоци за лицата со посебни потреби, експертите не гледаат решение во деинституционализирањето

Експертите не гледаат решение во стратегијата за деинституционализација на лицата со посебни потреби. Процесот на деинституционализација подразбира да се затворат сите центри за деца без родители и центрите за лица со посебни потреби. Тука се опфатени и центрите за згрижување и едукација на децата, психијатриските болници  како што е „Бардовци“ и Специјалниот завод во Демир Капија. Предвидено е децата да бидат сместени во згрижувачки семејства, помали групни домови или самите да живеат со поддршка. Дефектологот, Уранија Давчева, веќе девет години работи со деца со посебни потреби. Според неа, деинституционализацијата не е за секое дете. Таа смета дека наместо да се затвараат овие центри, треба да се инвестира во нив. 

Координаторката на Институтот за дефектологија во Скопје, Наташа Стојановска, вели дека го поддржува овој процес, но според неа, не треба да се затвораат центрите како оној во Демир Капија, каде има лица со интелектуална попреченост.

Со овој проект, според Министерството за труд и социјална политика, се овозможува поголема вклученост на оваа категорија во општествениот живот. Но, во Македонија се уште нема податоци – колкава е бројката на лица со посебни потреби и на вработените со попреченост во развој.

Во рамките на заедничкиот проект, реализиран од четирите агенции на Обединетите Нации во земјата, започна тридневната обука за згрижување на лица со посебни потреби.

Деинституционализацијата значи премин од социјална грижа што се обезбедува во големи резиденцијални институции, кон грижа во заедницата. Алтернативата се социјални услуги во заедницата: можност лицето да добие поддршка во неговата сопствена средина, во неговата заедница, во оној момент кога му треба, на начин што одговара на неговите потреби.

Репортерка: Алмедина Исмајли

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни