Нема реконструкција, но ќе има смена на министри, Заев: Секој министер треба да понесе одговорност

Реконструкција на владиниот кабинет нема да има, но можно е да има смена на министри. Премиерот Заев вели дека не размислува за реконструкција на Владата поради политичките процеси во кои се наоѓа државата.

За ова Заев вели дека разговарал и со коалиционите партнери со кои ја делат одговорноста околу владеењето. Доколку некој министер не доаѓа во Влада, логично е, додаде Заев, да се состане Кабинетот и да се расправа за негова замена. Разбирање нема да има ниту за нереализирање на проектите за капитален развој на земјава. Со ова тој индиректно одговори на шпекулациите дека сепак не бил задоволен од работата на дел од министрите.

За да има реконструкција на Владата, потребно е „зелено светло“ и од коалицискиот партнер, а во овој случај ДУИ. Лидерот Али Ахмети во гостувањето на една дебатна емисија изјави дека не е разговарано за реконструкција, но не ја исклучи можноста за такво нешто.

Тој вели дека многу нешта посакуваат, но смета дека клучните работи почнале да се движат во позитивен правец.

ТВ21 вчера објави дека владината седница од вторникот поминала во нервозна атмосфера. Според информациите до кои дојдовме, министерот за финансии, Драган Тевдовски упатил забелешки на адреса на вицепремиерот Кочо Анѓушев за процедурите за изградба на автопатиштата. Анѓушев денеска вели дека нема никакви недоразбирања со неговиот колега од владиниот кабинет.

 Како што веќе објавивме, евентуалната реконструкција на владиниот кабинет би ги опфатила двајцата вицепремиери Кочо Анѓушев и Хазби Лика, кој веќе подолго време не присуствува на владините седници. Се обидовме да стапиме во контакт и со вицепремиерот Лика, но тој не одговори на нашите повици. Според нашите извори, министрите кои можат да бидат заменети се министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и министерот без ресор, Аднан Ќаил.

Репортер: Бесир Арифи