Силното невреме што ја зафати земјата не ги поштеди ниту објектите од витално значење. Големи материјални штети и поплавувања се регистрирани во неколку клучни државни институции.
Според официјалните информации, меѓу најпогодените се објектите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и зградата на Јавното обвинителство. Водата и силниот ветер предизвикаа оштетувања и во државниот комплекс „Вили Водно“, во Аеродромската полициска база во Петровец, како и во препознатливиот објект „Нова Македонија“.
Штети се пријавени и во зградите на Министерството за финансии и Министерството за земјоделство. Надлежните екипи се веќе на терен за да ја проценат штетата и да спречат дополнително уништување на документацијата и опремата во овие витални објекти.