Македонија

Невремето предизвика штети во штипската болница, пациентите ќе бидат преместени – службите расчистуваат низ градот

Невремето предизвика штети во штипската болница, пациентите ќе бидат преместени – службите расчистуваат низ градот

Силното невреме што денеска го погоди Штип предизвика материјална штета во Клиничката болница, каде е оштетен дел од кровната конструкција, поради што дел од пациентите ќе бидат преместени на други одделенија. Во исто време, екипите на јавните претпријатија и Кризниот штаб работат на расчистување на последиците низ градот.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека пациентите се сместени во безбедниот дел од објектот, каде нема прокиснување, а во текот на вечерта ќе биде направена дополнителна реорганизација.

„Пациентите се сместени во делот каде што е суво и каде што нема прокиснување. Во текот на ноќта ќе видиме дел од нив да ги префрлиме на други одделенија за да бидат безбедни и да не се наруши функционирањето на болницата“, изјави Јорданов.

Станува збор за околу 15 до 20 пациенти од Одделението за ортопедија. Оштетувања има и на операционата сала на ова одделение, но директорот нагласи дека болницата располага со други операциони сали и дека медицинските услуги нема да бидат прекинати.

Тој посочи дека ќе има извесно преструктуирање на работата додека не се утврди точниот обем на штетата, но итните случаи и претходно закажаните пациенти ќе продолжат да се згрижуваат.

Во меѓувреме, директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, изјави дека екипите работат според насоките на Кризниот штаб и дека најголемиот дел од сообраќајниците веќе се расчистени.

„Скоро сите главни сообраќајници се проодни. Во моментов работиме на споредните улици и очекуваме во рок од еден до два часа и тие да бидат ставени во функција. Ќе останеме на терен и во текот на вечерта и ќе интервенираме секаде каде што ќе има потреба“, рече Арсовски.

Очевидци на невремето сведочат дека силниот ветер откорнал делови од кровна конструкција, кои паднале врз паркирани возила. Според нив, едно возило претрпело помали оштетувања, додека друго било погодено од греди што паднале од покривот.

Надлежните продолжуваат со проценка на штетите и расчистување на последиците од невремето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни