Невреме со врнежи од град денеска попладне го зафати Пијанечко-малешевскиот регион. Најзабележителна оваа појава беше во атарот на делчевското село Габрово.Блаже Митевски, жител на селото вели дека градот оштетил поголема површина со овошни насади со сина слива.– Конкретно кај мене оштетените површини кои се наоѓаат на местото викано „Грлото” се околу четири декари. Имав овошни насади од сина слива која поради градот е целата на земја падната. Исто така оштетени овошни насади од сина слива имаат и моите соседи кои имаат имот во близина. Врнежите од град започнаа околу 13:30 часот и траеја мошне кратко, но беа силни и ја предизвикаа штетата, рече Митевски.
Освен во делчевско, невремето создаде проблем и во пехчевскиот регион. Меѓу најпогодените подрачја е и туристичката населба „Равна Река”.– Дождот беше обилен и набрзина го наполни речното корито кое носеше се пред себе. Во невремето оштетена е урбана опрема во туристичката населба, а постоеше опасност да бидат срушени и неколку мостови во близина, информираат жители од населбата.
Нестабилното време предизвика проблеми и во текот на изминатите денови во Пијанечко-малешевскиот регион. За штета на овошните насади информираа и жители од делчевското село Драмче, а врнежи од град во поголени количини деновиве беа забележани и во пехчевското село Црник.
.