Комуналното претпријатие „Огражден“ од Босилово соопшти дека жителите на населените места Робово, Радово, Секирник и општинскиот центар Босилово не смеат да ја користат водата од водоводната мрежа за пиење.
Причината за оваа одлука е отстапување од утврдените стандарди за квалитет на водата, што значи дека водата може да се користи само за технички цели.
Од Советничката група на СДСМ во Босилово побараа свикување на итна седница на Општинскиот совет. Тие бараат да се изврши анализа на водата во сите населени места кои ја користат водоводната мрежа. Предлагаат да се разгледаат резултатите од претходните анализи и да се утврди цена за водата како техничка, додека не се воспостави нејзиниот квалитет за пиење. Во случај анализа да покажат дека квалитетот не е задоволителен, тие ќе побараат одговорност од градоначалникот и директорката на комуналното претпријатие.
Забраната за користење на водата за пиење ќе остане на сила сè до добивање на позитивни резултати од акредитираната лабораторија која тестира вода.