Македонија

НИКОЛОВСКИ ПРЕД ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА: Земјоделството е во колапс, соработниците на Трипуновски се во притвор за мито, се кратат субвенции

НИКОЛОВСКИ ПРЕД ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА: Земјоделството е во колапс, соработниците на Трипуновски се во притвор за мито, се кратат субвенции

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата утре во Собранието ја става на дневен ред интерпелацијата против актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, во пресрет на собраниската седница во емисијата Ноќно студио на 4ТВ порача дека целта на оваа иницијатива не е само отворање дискусија, туку јасно барање за оставка поради катастрофалните резултати во ресорот.

Според Николовски, незадоволството кај земјоделците е огромно, а интерпелацијата се заснова на неколку клучни столбови кои го уриваат кредибилитетот на актуелното раководство.

Како прв и најсериозен мотив за одговорност, Николовски го посочува бранот апсења на клучни функционери во земјоделскиот сектор под сомнение за корупција.

„Ретко во историјата на македонското земјоделство може да се најде момент кога целото опкружување на еден министер е обвинето за корупција. Клучни директори на институции кои секодневно го координираат секторот — во Министерството, Платежната агенција и Државниот инспекторат за земјоделство — беа фатени со мито од 50.000 и 100.000 евра. Овие луѓе, како и блиски соработници од кабинетот на министерот, денес се во притвор, а веќе има и осудителни пресуди. Трипуновски повеќе нема ниту интегритет ниту доверба да ја врши функцијата“, изјави Николовски.

Поранешниот министер обвинува дека со последниот ребаланс на буџетот и репрограмирањето на средствата, за првпат по 15 години се скратени парите наменети за субвенции. Тој потенцираше дека досега праксата била во текот на годината секогаш да се додаваат плус средства за земјоделците.

Николовски образложи низа укинати или намалени мерки:

  • Укината е авансната исплата на субвенции од 30%, мерка воведена во минатиот мандат за земјоделците да добијат пари пред почетокот на сезоната.
  • Укинати се наменските програми за малите производители на храна и малите семејни винарии.
  • Субвенциите во сточарството се драстично намалени: Наместо да продолжи планираниот раст на поддршката по грло говеда од 12.000 на 20.000 денари, Владата ја намалила оваа поддршка на само 8.000 денари.

Тој предупреди и дека се воведуваат коруптивни мерки каде што, наместо за вистинските земјоделци, со стотици илјади евра се таргетираат точни поединци, за што СДСМ веќе подготвува соодветни постапки пред надлежните институции.

Состојбата на терен во клучните земјоделски гранки е оценета како алармантна, а Николовски се повика и на официјалните економски показатели:

„Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека само во првиот квартал од 2026 година имаме драстичен пад на откупот на земјоделски производи од индивидуалните земјоделци за над 40%, што е за 30 милиони евра помалку внесен кеш во руралните средини.“

Тој додава дека откупните цени на тутунот се намалени од 100 на 80 денари, додека кај оризот цената е преполовена во споредба со пред две години, кога изнесуваше над 40 денари. Дополнително, исплатата на субвенциите за тутун, сточарство, градинарство, пчеларство и живинарство доцни со месеци, оставајќи ги семејствата без средства за набавка на репроматеријали во ек на сеидбената сезона.

Запрашан за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека и во времето на СДСМ земјоделците реагирале на доцнења, Николовски одговори дека во 2016 година затекнале стотици милиони евра долг по основ на неисплатени субвенции и партиски списоци по месните комитети.

„Она што го ветивме, го исполнивме. Воведовме зелена нафта, го вративме персоналниот данок на земјоделците, ја зголемивме поддршката за младите земјоделци на 20.000 евра и буквално реализиравме 90% од ветената програма во претходните изборни циклуси, истовремено решавајќи ги сите наследени долгови. Денес, за жал, повторно се враќа хаосот каде што нема ниту ред, ниту пари за вистинските производители“, заклучи Николовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни