Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски најави нови мерки во програмата за финансиска поддршка на земјоделството.
Проектираните субвенции, нивната висина и распределба, ќе ја вратат развојната компонента и ќе придонесат за зголемување на производството, обработливите површини, бројот на добиток и доходот на земјоделците, вели министерот и додаде дека се креирани многу консултации со сите чинители во земјоделството, но и согласно препораките од Светска банка и ЕУ, а целта е директната поддршка постепено да се намалува на сметка на поддршката на руралниот развој.
-Првата нова мерка што првпат се воведува е „зелената нафта”, проектирана на 200 милиони денари што ќе ги добијат 55 илјади земјоделци, производители на полјоделски, градинарски и овошни култури, како и лозови насади. Следната мерка е за малите земјоделски стопанства до еден хектар и изнесува 6.000 денари за хектар до 0,5 хектари површина и 12.000 за хектар за површина од 0,5 до 1 хектар, информира министерот.
Рече и дека со програмата двојно се зголемува поддршката за оризот, од 6.000 денари на 18.000 по хектар. Значителни субвенции ќе добијат производителите на сончоглед, 23.160 денари по хектар оние што имаат од пет од 50 хектари и користат сертицифирано семе, додека оние што не се во овој опсег но користат сертицифирано семе ќе добијат поддршка од 15.000 денари.
Се зголемуваат субвенциите и во сточарството, за предадено овчо и козјо млеко од четири на 4,5 денари за литар. Министерството, посочи Николовски, посебен акцент става на живинарството. Од 33 на 40 денари се зголемува субвенцијата за одгледани и заклани бројлери за да се поттикне производството, а од 25 на 125 денари расте поддршката за заклани несилки. Двојно повисоки субвеници има и за произведените еднодневни пилиња.