НЛБ Банка со појаснување: Месечен надомест од 20 денари за целиот Light пакет, а не поединечно за секој преглед на сметка

НЛБ Банка излезе со реакција и корекција на дел од информациите објавени во медиумите, поврзани со новиот Тарифник кој ќе стапи на сила од 23 јуни годинава. Конкретно, станува збор за најавеното воведување паричен надоместок за користење на мобилната апликација мКлик, за што Банката наведува дека информациите во јавноста биле неточно интерпретирани.

Од НЛБ појаснуваат дека не станува збор за наплата за секој поединечен увид во состојбата на сметките, туку за месечен надоместок од 20 денари за целиот Light пакет. Овој пакет ги вклучува дебитната картичка и мобилната апликација НЛБ мКлик, преку која клиентите имаат увид во состојбата на сите свои сметки.

„Овој износ се однесува на целиот пакет и нема да се наплаќа поединечно за секој преглед на состојба на сметките, како што беше наведено во дел од објавите,“ посочуваат од Банката, потенцирајќи дека целта е да се обезбеди точна информираност на клиентите.

Од НЛБ дополнително нагласуваат дека континуирано инвестираат во развојот, безбедноста и одржувањето на дигиталните услуги, со фокус на сигурно, брзо и супериорно клиентско искуство. Инвестициите во дигитализацијата, како што велат, им овозможуваат на клиентите напредни алатки кои штедат време и го олеснуваат секојдневното управување со финансии, преку најсовремени технолошки решенија со високо ниво на безбедност.