По серијата политички и инфраструктурни теми, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во емисијата Ноќно студио на 4ТВ испрати поинаква и многу поведра порака – градот и ова лето ќе биде еден од главните културни центри во државата.
Митовски најави богата програма за „Кривопаланечкото културно лето“, со концерти, настани и гости од целата држава и регионот, потенцирајќи дека културата веќе станува сериозен двигател на локалната економија.
„Успеавме целосно да го промениме имиџот на градот. Денес културните настани не се само забава, туку и можност за развој на локалната економија, туризмот и угостителството“, изјави Митовски.
Крива Паланка станува летен културен центар
Според градоначалникот, високата реализација на буџетот за култура веќе дава конкретни резултати, а градот под Осогово станува препознатлив по големите музички и културни случувања.
Тој потсети дека во изминатите години Крива Паланка била домаќин на некои од најголемите музички имиња од Балканот, што, како што рече, ја издвојува од многу други општини во земјата.
„Носиме туристи, ги полниме рестораните и хотелите и го промовираме градот надвор од границите на Македонија“, нагласи Митовски.
Културното лето стартува кон крајот на јуни
Подготовките за летната програма веќе се во полн ек, а настаните ќе започнат кон крајот на јуни и ќе траат во текот на јули и август.
Според најавите, програмата ќе понуди концерти, фестивали, уметнички настани и содржини за сите генерации.
Голем спектакл на 29 август
Најголемо внимание годинава привлекува најавата за главниот концерт по повод празникот на градот, кој ќе се одржи на 29 август.
Иако Митовски не сакаше да го открие името на изведувачот, најави дека станува збор за „мега-ѕвезда“ која ќе ја претвори Крива Паланка во центар на регионалното внимание.
„Ќе почекаме уште две до три недели за официјално да го потпишеме договорот и да го објавиме името. Но, можам да ветам дека и овој пат нема да ги разочараме граѓаните – подготвуваме вистински спектакл“, изјави градоначалникот.
„Градот ќе живее цело лето“
Со оваа најава, Крива Паланка уште еднаш се позиционира како една од најактивните летни културни дестинации во државата.
Митовски порача дека целта е градот да живее преку културата, туризмот и јавните настани, а граѓаните и посетителите да добијат „лето за паметење“.
„Сакаме Крива Паланка да биде место каде луѓето ќе доаѓаат не само за концерт, туку и за атмосферата, гостопримството и енергијата што ја создава градот“, заклучи тој.