Посетата на папата Лав XIV на Перу заврши со уште еден неочекуван момент, откако возилото во кое се превезувал нагло закочило за да избегне судир со мотоцикл. При ненадејното запирање, поглаварот на Римокатоличката црква со главата удрил во наслонот за глава на предното седиште.
Инцидентот се случил во градот Каљао, додека папата се движел во колона возила. На видеоснимката од настанот се слушаат реакциите и извиците на верниците кои биле собрани покрај патот за да го видат.
По ударот, папата кратко му се обратил на возачот, но засега нема информации дали претрпел повреди. Не е познато ниту дали имал врзано сигурносен појас во моментот на инцидентот.
Ова е втор инцидент за време на посетата на папата во Перу. Претходно, додека се возел во папамобилот низ Лима, бројаница фрлена од верник го погодила во пределот на окото.
Папата Лав XIV се врати во Рим во вторникот наутро, по 12-дневната турнеја низ Латинска Америка, која заврши во Перу – земја со која има посебна поврзаност и чие државјанство го поседува покрај американското.
Пред заминувањето, тој им се заблагодари на Перуанците за гостопримството.
„Се чувствував како дома, а вие ме потсетивте дека Црквата е навистина семејство“, изјави папата, пренесува „Ватикан њуз“.
Пред да биде избран за поглавар на Католичката црква, Лав XIV со години живеел и служел во Перу, каде што бил мисионер, а подоцна и бискуп. Особено силни врски има со градот Чиклајо, поради што земјата ја смета за своја втора татковина.
Pope Leo smacks face against chair when motorcade brakes suddenly. 🎥: NoticieroSLV https://t.co/YHLE0K9ohh
— TMZ (@TMZ) November 17, 2026