Управата за хидрометеоролошки работи најавува повремено силен ветер со брзина над 80 километри на час во среда и четврток. За двата дена е означено жолто ниво на предупредување поради ветерот, со веројатност од 95% за среда и 90% за четврток.
Во среда, 18 ноември, времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југозападен ветер, кој на места во западните делови повремено ќе биде силен. Утринските температури ќе се движат од 4 до 11, а дневните од 16 до 21 степен.
Во четврток, 19 ноември, ќе биде променливо облачно и релативно топло со сончеви периоди. Попладне и кон крајот на денот се очекуваат повремени локални врнежи од дожд. Југозападниот ветер на места повторно ќе достигнува брзина над 80 километри на час. Минималните температури ќе бидат од 7 до 13, а максималните од 18 до 24 степени.
За петок, 20 ноември, УХМР прогнозира сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во западните делови повремено ќе дува засилен до силен западен ветер со брзина над 70 километри на час. Дневната температура ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во сабота, 21 ноември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ветерот ќе биде слаб до умерен од западен правец, со максимални температури од 15 до 21 степен.