Македонија

Нов протест на жителите на Лабуништа – најавуваат кампување пред каменоломите и порадикални мерки

„Еден од сопствениците, навистина се покажа како џентламен, одговорен пред сите граѓани и сам се откажа од концесијата. Значи, концесијата што е над селото, што беше најголем проблем, значи од утре ќе почне да ја повлекува целата механизација…..Што се однесува до другите концесии, колку што јас сум запознаен, две од нив се речиси внатре во селото. На нив им е даден рок од страна на инспекторите и тие концесии во најкраток можен рок нема да може да работат“, изјави Крешник Бектеши на 02.08 годинава.

Оваа изјава министерот за економија Крешник Бектеши ја даде на почетокот на месец август, кога жителите на Лабуништа и околните места протестираа против каменоломите. Месец и пол подоцна, повторно протести и најави за кампување пред влезот на каменоломите. Како што тврдат жителите, од вкупно пет каменоломи во атарот на селото, на само еден е одземена концесијата. Останатите каменоломи и понатаму работат.

Наместо одземање на концесиите, каменоломите ја интензивирале својата работа.

„Од едниот газда и од другиот газда, многу зависи дали ова ќе се реши на добар и чесен начин, или ќе се реши на начин поради кој ќе жалиме и ние и тие“, изјави Љутвија Ќазимоски – пензионер.

„Истите каменоломи последниве два месеци ја имаат интензивирано нивната работа. Не како што работеле порано, туку ја имаат дупло повеќе интензивирано работата на терен“, додава Сезаир Салоски – жител на Лабуништа.

„Господинот министер, Крешник Бектеши, беше присутен во нашата населба каде што ни даде ветување, дека во рок од 30 дена ќе ни даде повратна информација за овие каменоломи. Чекавме 30 дена, чекавме плус 15 дена, до денес немаме никаков одговор“, изјави Алим Салоски – претседател на „Натура Лаб“.

Освен порадикални мерки, учесниците на денешниот протест најавија дека ќе кампуваат пред влезовите на каменоломите. Ова е втор протест на жителите на Лабуништа и околината за неполни два месеци. Тие сметаат дека природните убавини од подножјето на планината Јабланица се под закана. Од месноста Стрижак се снабдуваат со вода населбите Јабланица, Боровец и Лабуништа, а од оваа вода зависат 15.000 жители.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни