Нов спортски комплекс на кејот на Вардар – обновени терени и нови содржини

Градот Скопје доби ново уреден спортски комплекс на кејот на реката Вардар, кој денеска беше официјално пуштен во употреба. Обновените терени беа презентирани од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски.

Како што информира Ѓорѓиевски, со овој проект кејот добива нова функција и станува простор наменет за спорт, рекреација и дружење, со цел да се врати животот покрај реката. Тој нагласи дека уредувањето на кејот е еден од приоритетите на градската администрација и дека веднаш по преземањето на функцијата започнале активности за чистење и уредување на просторот.

Во рамки на проектот се реконструирани спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, поставена е нова урбана опрема и се предвидуваат современи фитнес-зони на отворено. Според најавите, просторот ќе биде прилагоден за различни возрасни групи и ќе понуди услови за секојдневна рекреација.

Дополнително, во проектот се вклучени и спортските терени во Маџир Маало, кои ќе бидат целосно обновени и повторно ставени во функција на граѓаните. Предвидено е и уредување на современа градска плажа, која треба да претставува ново уредено катче за одмор и спорт покрај реката.

Градоначалникот истакна дека вложувањето во спортска инфраструктура е вложување во здрави навики и подобар квалитет на живот за граѓаните, додавајќи дека соработката со Министерството за спорт е клучна за реализација на вакви проекти.

Според најавите од градските власти, ова е дел од поширока визија за рамномерен развој на Скопје и создавање модерни, функционални и достапни јавни простори.