Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе спроведе засилени контроли во трговските синџири, при што ќе бидат опфатени меѓу 600 и 700 производи од потрошувачката кошничка. Целта е да се утврди како се формираат цените – од набавката до продажбата – и дали постојат неправилности што придонесуваат за нивниот раст.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информираше дека одлуката следува по состанокот со претставници на трговските синџири, како и со Министерството за финансии, Министерството за економија и труд и директорите на надлежните институции.
Според него, секој производ ќе биде предмет на детална анализа кај секој трговски синџир поединечно, со цел институциите да добијат јасна слика за факторите што влијаат врз конечната цена што ја плаќаат граѓаните.
Дурмиши нагласи дека инспекциските контроли не се новина и дека тие континуирано се спроведуваат уште од почетокот на економската криза. Само во последните три месеци биле реализирани засилени проверки, при што институциите интервенирале во делот на трговските маржи таму каде што законски било возможно.
Тој потсети дека Владата претходно презела мерки за намалување на цените на нафтените деривати, ограничување на трговските маржи и воведување на потрошувачки кошнички, со цел да се ублажи притисокот врз семејните буџети.
Министерот оцени дека долгорочната стабилност на пазарот не може да се постигне само со интервентни мерки, туку преку постојана координација меѓу институциите, производителите, трговците и стопанските комори, со навремено препознавање на ризиците и спречување на нарушувањата на пазарот.
Во освртот на досегашните економски политики, Дурмиши истакна дека Министерството работело на намалување на невработеноста, поддршка на инвестициите, развој на малите и средните претпријатија, спроведување на реформската агенда и дигитализација на услугите.
Тој посочи дека преку новиот оперативен план за вработување се обезбедени 2,41 милијарди денари за поддршка на повеќе од 10.000 граѓани, додека за инвестиции во Буџетот за 2026 година се издвоени 1,23 милијарди денари. Како пример за успешни инвестиции ја наведе Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде е најавена и нова инвестиција од 21 милион евра, која треба да отвори околу 550 нови работни места.
Дурмиши порача дека Владата ќе продолжи со реформите насочени кон создавање поконкурентна економија, поголеми инвестиции, нови работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните.