Свет

Нови правила: Тројно поскапува влезот во ЕУ, на есен пристига EES

Нови правила: Тројно поскапува влезот во ЕУ, на есен пристига EES

Европската комисија неодамна соопшти дека издавањето на дозвола за патување во рамки на системот ETIAS ќе чини 20 евра, наместо првично предвидените 7 евра. Одлуката доаѓа пред започнувањето на два нови гранични системи – системот за влез/излез (EES), кој ќе стартува во октомври 2025 година, и ETIAS, кој се очекува во втората половина на 2026 година.

Во соопштението на Комисијата се наведува дека зголемувањето на таксата е резултат на инфлацијата од 2018 година, како и зголемените оперативни трошоци поради воведување на нови технички функционалности. Дозволата ќе важи три години по издавање.

Што е EES?

Системот EES (Entry/Exit System) е автоматизиран информациски систем за евиденција на влез и излез на државјани од трети земји кои патуваат во ЕУ за краткорочен престој – до 90 дена во период од 180 дена. EES ќе го замени досегашниот систем со печати во пасош, со дигитална евиденција.

Системот ќе се имплементира на граничните премини во сите шенгенски земји, како и во земјите-членки на ЕУ кои го прифаќаат овој систем – вклучувајќи ги Бугарија, Хрватска, Унгарија, Романија, Словенија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и други.

Како ќе се спроведува?

На граничните премини, патниците од трети земји ќе мора да достават биометриски податоци – отпечатоци од четири прсти и фотографија од лицето. Овие информации ќе бидат евидентирани во дигитална база, заедно со податоците од пасошот.

При прво преминување на границата, граничната служба ќе ја изврши регистрацијата, додека при следни влезови ќе се врши автоматска проверка преку системот. Повеќе нема да се става печат во пасошите.

Доколку патник одбие да достави биометриски податоци, ќе му биде одбиен влез во ЕУ.

ETIAS – електронска дозвола за влез

ETIAS (European Travel Information and Authorisation System) е систем за електронско одобрување на патување, сличен на американскиот ESTA. Ќе биде задолжителен за државјани на земји кои не се членки на ЕУ, но имаат безвизен режим.

Апликацијата за ETIAS ќе се пополнува онлајн и ќе се наплатува еднократно 20 евра, со важност од три години. Одобрувањето ќе биде неопходно пред патување кон која било земја од ЕУ која го применува системот.

Овие нови мерки имаат цел да ја зајакнат контролата на надворешните граници на ЕУ, но и значат нови обврски за патниците, кои ќе треба навреме да ги подготват потребните дозволи и податоци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни