Нови рекорди на Балканот – еве каде се наоѓа Македонија

Нови црни рекорди се бележат денеска на Балканот со бројот на новозаразени од коронавирус. ТВ21 направи анализа, на врвот од табелата се наоѓа Бугарија која денеска регистрираше рекордни 2569 нови случаи.

Бугарија

Нов скок на бројот на заболени од коронавирус во Бугарија во последните 24 часа. Има 2569 нови случаи на 11.226 тестови, од кои скоро половина се во Софија.

Во изминатите 24 часа излечени се 293 лица, а 25 ја загубија битката со болеста, од кои 8 без истовремени болести.

Лекарите велат дека здравствениот систем е на работ и ги повикаа луѓето да се придржуваат до тоа. Од денес на полноќ, ограничувањата опфаќаат училишта, барови и дискотеки, ресторани и спортски настани. И министерот за здравство е категоричен – медицинскиот персонал е недоволен.

Грција

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 1.547 нови случаи на Ковид-19, што претставува рекорден број на новозарзени за еден ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, починаа десет лица, а зголемување има и во бројот на хоспитализираните пациенти приклучени на апарати, шест повеќе од вчера, односно вкупно 108 лица.

Најголемиот број од новите случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, 419 и во Солун- 384.

Вчера во Грција првпат беше регистриран четирицифрен број на новозаболени од коронавирусот, број што денеска дополнително е зголемен.

Албанија

Во последното деноноќие, во Албанија регистран е негативен рекорд од 311 новозаразени со Ковид-19 од 1.397 тестирани, што е 22,2 отсто од тестираните, јави дописничката на МИА од Тирана.

И понатаму Тирана е главното жариште на болеста, каде се 100 од новозаразените, по што доаѓа Фиер со 66 и Драч со 32.

-Во исто време шестмина пациенти, од 53 до 65-годишна возраст, ја загубија битката со опасниот вирус. За среќа оздравени се 85, но загиржува високата бројка на оние на кои им е потребно болничко лекување. Во двете ковид болници се третираат 289 пациенти, што е највисока бројка до сега, информираше Минстерството за здравство и социјална заштита.

Поради континуираниот раст на болни на кои им е потребно болничко лекување веќе за прием на пациенти е подготвена третата ковид болница. Со тоа капацитетот се зголемува на околу 500 болнички легла. Таму ќе бидат префрлени веќе хоспитализираните од двете ковид болници кои се со полесна здравствена состојба.

Министерството информираше дека до сега се направени 121.004 тестови, позитивен резултат е добиен кај 20.040, оздравеле 10.893, починале 493, додека активни на болеста се 8.654 лица.

Србија

Според официјалните податоци, во последните 24 часа починале пет лица како резултат на коронавирусот во Србија, па вкупниот број на жртви се зголеми на 803, објави Министерството за здравство на веб-страницата covid19.rs, по скоро еден час задоцнување.

Од последниот пресек на ситуацијата во Србија, 9.690 лица биле тестирани за коронавирус , а регистрирани се 1.328 нови случаи на инфекција.

Постојат 39 пациенти на респиратори. Вкупно 946 лица се хоспитализирани.

Од почетокот на епидемијата, во Србија официјално се потврдени 42.208 случаи на инфекција. Стапката на смртност е 1,90 проценти.

Македонија

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2647 тестирања, а регистрирани се 870 нови случаи на ковид-19. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 292 оздравени пациенти.

Починати се 14 лица, тројца пациенти од Скопје (51, 60 и 83г), тројца од Куманово (65, 71 и 53г), еден пациент од Дебар (80г), двајца од Прилеп (55 и 56г), еден од Тетово (63г), еден од Велес (65г), еден од Струмица (68г), еден од Радовиш (72г) и еден пациент од Кратово (75г). Сите се починати во болнички услови.

Косово

Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) попладнево објави дека минатото деноноќие во земјата се потврдени 281 нов случај на заболени од Ковид-19, што претставува највисока бројка на новозаразени од коронавирусот од појавата на пандемијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вкупно досега, според официјалните статистики на косовските здравствени власти, вирусот е откриен кај 18.626 лица тестирани со методот РТ-ПЦР.

Минатите 24 часа се регистирирани и 97 излекувани, со што бројката на пациенти кои ја совладале болеста достигна до 15.925.

Во текот на вчерашниот ден имаше и четири нови случаи на починати лица кои биле заболени од Ковид-19, со што бројката на жртви на епидемијата се искачи на 673.

Активни носители на вирусот моментно во Косово се 2.658 лица.

Жариште на епидемијата во Косово е главниот град Приштина, поради што денеска се одржа средба на градоначалникот Шпенд Ахмети со министерот за здравство Арменд Земај. По средбата беше соопштено дека се разгледуваат нови мерки за справување со новиот бран на епидемијата, при што не се исклучува и повторното воведување на одредени порестриктивни мерки кои беа во сила во одреден период од соочувањето со заразата.

Земај вчера изјави дека се разгледува и можноста за „затворање на земјата“ доколку ситуацијата со ширењето на заразата ескалира, меѓутоа нагласи дека целосната изолација и затворањето на границите „сепак останува како последна опција“.

.

Извор: ТВ21