Кандидатот за градоначалник на Брвеница од Националната алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, Аркин Јахиј, вечерва изрази задоволство од изборниот резултат и најави продолжување на политичката битка во вториот круг, кој ќе се одржи на 1 ноември.
Јахиј оцени дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера, заблагодарувајќи им се на граѓаните за поддршката, но и на противкандидатите за коректната кампања.
„Почитувани присутни, во една демократска и фер трка, според прелиминарните резултати, ние сме победници со 600 гласа. Сакав да кажам неколку зборови и за противниците во оваа трка, тоа беше една коректна трка, со посебна благодарност до противкандидатот кој исто така коректно ја водеше својата кампања“, изјави Јахиј.
Тој нагласи дека изборната трка не е завршена и дека неговата коалиција продолжува со кампањата под мотото „Заедно за Брвеница“.
„Ова беше само трка од првиот круг, ние продолжуваме во вториот круг, токму онака како што гласи и нашето мото – ‘Заедно за Брвеница’“, порача Јахиј.
Според него, изборниот процес покажал повисоко ниво на политичка култура, а кампањата ја оцени како европска.
„Навистина, на овие избори покажавме едно повисоко ниво и тоа беше, би рекол, европска кампања во однос на одвивањето на процесот“, рече Јахиј, заблагодарувајќи им се на активистите и на сите жители на општината.
Иако Јахиј во своето обраќање прогласи победа, првичните резултати на Државната изборна комисија покажуваат дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, е прв со 2.943 гласа, додека Јахиј е втор со 2.152 гласа, односно разлика од 791 глас.
На третото место е Јакуп Усеини од ВЛЕН со 1.528 гласа, а четврти е Јовица Радески од СДСМ со 706 гласа. Независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи освоиле 55, односно 21 глас.
Бидејќи ниту еден од кандидатите не го обезбеди потребното мнозинство во првиот круг, на 1 ноември во вториот круг ќе се соочат Стојанчо Радичевски и Аркин Јахиј.