Шефот на смена на Граничниот премин „Блаце“ е вратен на неговото работно место. Ова за ТВ21 го потврдуваат внатрешни извори на МВР, кои велат дека одлуката е донесена денеска. Истите извори, објаснуваат дека за враќањето на неговата претходна функција, се погрижил заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу. Дознаваме дека добил и решение за работа, а оваа фотографија која беше објавена на „Фејсбук“, покажува дека решението му го врачил самиот заменик-министер, кој доаѓа од редовите на ДУИ.
ТВ21 побара коментар од Нухиу за ова прашање, но не добивме одговор.
Сега за сега останува нејасно што ќе се случи со полицискиот службеник кој беше поставен на истата позиција. За овој случај, ТВ21 извести пред еден месец, а тогаш нашите извори велеа дека оваа промена е резултат на политичките рокади меѓу ДУИ и СДСМ.
Истите извори, објаснуваа дека рокадите се прават во предизборен период, но не се знаеше – дали доаѓаат по децидна одлука на министерот Оливер Спасовски или пак одлука донесена во консултација со неговиот заменик, Агим Нухиу. ТВ21 за случен случај извести и за Граничниот премин „Табановце“.