Со средства обезбедени од Министерството за финансии, во Делчево ќе се реконструира една од најоштетените улици „Вера Јоциќ. Како што информираат од Општината, преку проектот за подобрување на општински услуги (МСИП), со поддршка на Светска банка, ќе се реконстурираат уште две улици во градот.
– За оваа намена потпишавме договор за под-заем во износ од 32 милиона денари, кои ќе бидат наменети за реконструкција на улиците „Вера Јоциќ“, „Маршал Тито“ и улица „7“ во населба СРЦ. Улицата „Маршал Тито“ ќе биде реконструирана на потегот од касарната до Таушанско маало во должина од 743 метри, во должина од 599 метри ќе се реконструира улицата „Вера Јоциќ“, додека во населба „СРЦ“ ќе се гради комплетно нова улица во должина од 290 метри, велат од Општината.
Со реализација на овие проекти, како што додаваат, ќе се подобрат општинските услуги кои се даваат на граѓаните.
Како дел од тековните активности за реконструкција на улици, моментно во Делчево финишираат градежните работи за реконструкција на главната сообраќајница.
-Завршена е реконструкцијата од едната страна на коловозот од магистралата која води кон граничниот премин. Се работи на реконструкција на вториот дел кој опфаќа градежни работи од бензинската пумпа до крстосницата која води кон граничниот премин Делчево и општините Пехчево и Берово. Очекуваме до крајот на наредната недела, работите на оваа делница да бидат завршени, додаваат од општината.
Поради градежните работи на магистралата, сообраќајот низ централното градско подрачје во Делчево се одвива по едната страна од булеварот кој има две коловозни ленти, поради што од општината апелираат на почитување на сообраќајната сигнализација од страна на возачите.