Обид да се увезе РДФ отпад во Македонија, вчера вратени 14 камиони од Богородица

Во Гевгелија вчера на терминалот подолго време биле заглавени 14 камиони. Откако влегле во Македонија и било потврдено дека носат РДФ отпад, што од неодамна е забранет за увоз во земјава, биле вратени.

Од Царинската управа ги потврдуваат овие информации и додаваат дека камионите останале на терминалот сѐ додека не извадиле дозволи за транзит и влез во Грција.

Камионите се вратени и од Царинската управа не им бил дозволен ни влез ни транзит низ Македонија.

Откако камионите биле вратени, сите 14 камиони ќе отидат до пристаништето во Солун, товарот ќе се префрлел во контејнери, и со сменети фактури РДФ-отпадот ќе тргнел пак кон Скопје. Се претпоставува дека товарот на овие 14 камиони бил од Италија.

За тоа кој бил увозникот и за која компанија бил наменет овој отпад сѐ уште се чека одговор од Царинската управа. РДФ отпад е гориво произведено од раздробени отпадоци од гума, текстил, кожа, пластика, хартија.

Извор: Сител телевизија