Јанева од зад притворските решетки ја реши судбината на специјалното обвинителство. Јовески ја прифати понудата, а по одлуката за преземањето на предметите истражителите и обвинителите ќе одморат, се до крајната разрешница за СЈО. Според експертите ова е уште еден доказ за незрелоста на македонскиот правен систем.
Донесувањето на законот за ЈО е еклатантен пример за тоа, како не треба да се носи закон, смета Универзитетскиот професор, Никола Тупанчевски, во интервју за „Гласот на Америка“.
„Комплексна ситуацијата, временската отсечка или факторот време не е на наша страна како држава, како општество. Така што се надевам дека во наредните десетина дена што ни остануваат до 15 септември, кој што е крајниот рок за постоењето на СЈО ќе се изнајде некакво решение коешто нема да биде политички договор туку ќе преовладуваат или доминираат или ќе бидат превалентни токму правните аргументи“, вели Тупанчевски.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за ТВ21 вели дека сега на потег е специјалното обвинителство, кое треба да ги предаде предметите. Од СЈО велат дека дека до вчера не стигнала одлуката на обвинителството.
Додека не се дознае крајниот епилог за СЈО, донесувањето на законот и договорот меѓу политичките партии, најверојатно судските процеси ќе паузираат, иако во вчерашното сооштение од Републичкото јавно обвинителство најавија дека постапките ќе продолжат пред надлежните јавни обвинителства.
„Јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото. Постапките по конкретните предмети ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства.“, велат од ЈОРМ.
Од СЈО за ТВ21 велат дека вработените доаѓаат на работа, но каква ќе биде судбината по празничниот продолжен викенд не знаат.