Основно јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот случај во скопската населба Карпош, во кој при пад од висококатница починаа мајка и нејзиното малолетно дете.
Едно лице е задржано во полициска станица, а по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка, а во текот на денот ќе се изврши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
По насока на јавниот обвинител денеска се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија за настанот, се спроведува екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор од неколку локации.
Во текот на вчерашниот ден беше наредена и обдукција на починатите.
Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од Министерство за внатрешни работи и од Центар за социјални работи, со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената. Дополнително, ќе биде побарано и внатрешната контрола во МВР да го испита постапувањето по тие пријави.
Истражните органи продолжуваат со преземање на сите неопходни мерки за целосно и објективно утврдување на фактите во случајот.
