Подобрувањето на положбата на српскиот народ во Македонија, поголемата застапеност во институциите и унапредувањето на изучувањето на српскиот јазик, историјата и културата се дел од приоритетите на новата политичка партија Српска демократска лига (СДЛ), истакна Саша Богдановиќ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Тој посочи дека идејата за формирање на партијата постоела подолго време, но претходно биле водени разговори со постојните политички субјекти за можностите за решавање на проблемите со кои се соочува српската заедница.
„За жал, не најдовме разбирање и едноставно не се најде слух за работите кои сакавме да ги промениме, поврзани со културата, историјата, образованието, местото на Србите во Македонија, колку се застапени и каде и како“, истакна Богдановиќ.
Како еден од приоритетите го посочи образованието, нагласувајќи дека, според нивните информации од терен, во повеќе од 40 општини постои можност за изучување на српскиот јазик како изборен предмет, но училиштата не спроведуваат анкети за заинтересираноста на учениците.
Богдановиќ го посочи примерот со Општина Центар, каде што за време на неговиот градоначалнички мандат, од 545 ученици во трето одделение, една третина покажале интерес за изучување на српскиот јазик и култура.
Тој најави дека СДЛ ќе се залага и за можноста учениците да го изучуваат српскиот како задолжителен предмет – мајчин јазик, додека останатите предмети би ги изучувале на македонски јазик.
Според Богдановиќ, загрижувачки е податокот дека околу 150 ученици во моментов посетуваат факултативна настава по српски јазик.
Меѓу иницијативите на партијата е и именувањето улици по личности од српската заедница кои дале значаен придонес за Македонија во областа на културата, музиката и историјата.
Богдановиќ нагласи дека СДЛ останува отворена за соработка со сите политички субјекти, вклучително и со партиите на другите етнички заедници, со цел заедничко решавање на прашањата од интерес на граѓаните.