Обвинителството го гони Иванов – претседателот „силен“ на Фејзбук, но молчи за истрагата

Обвинителката Искра Хаџи Василева од Собранието ги побара одлуките и записниците поврзани со процедурата за носење на Законот за употреба на јазиците и Договорот од Преспа. Резултат на ова е предистражната постапка што ја покрена обвинителството против претседателот на државата Ѓорге Иванов за можно кршење на Уставот со одбивањето да ги потпише овие документи, иако беа изгласани во Собранието. Ваквата реакција на Обвинителството уследи откако добиле кривични пријави поднесени од анонимни лица.

Народот секогаш ќе ги слави храбрите, напиша на својот профил на фејсбук претседателот Иванов, но од неговиот кабинет, како и вообичаено не собраа храброст да дадат одговор околу истражната постапка. Поранешниот судија во Уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека претседателот покажал уставна неодговорност, но за тоа дали тука има кривично дело, како што вели, треба да одлучат истражните органи.

Во Членот 75 од Уставот пишува какви сѐ обврски има Претседателот, откако ќе биде изгласан одреден закон.

УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ЧЛЕН 75
-Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Ивановски вели дека Претседателот го искористил фактот што немало доволно дебата пред гласањето на Договорот, за да не го стави својот потпис на Законот. За потпишувањето на Договорот од Преспа, Ивановски смета дека потписот на Иванов не е потребен, бидејќи станува збор за меѓународен договор кој влегува во сила веднаш по ратификацијата во Собранието. Според Уставот, ратификуваните меѓународни спогодби не можат да се менуваат.

РЕПОРТЕР: ФУРКАН САЛИУ