Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донело одлука дека не постои основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување во предметот што се однесува на јавните набавки за изградба на 17 модуларни болници во земјава.
Обвинителката Верица Бержецка-Крстева, која последна постапувала по предметот, на денешниот брифинг информираше дека по анализа на прибраните докази не биле утврдени дејствија со кои биле пречекорени службените овластувања, ниту пак дека со постапките за јавни набавки бил оштетен државниот буџет.
Предметот бил оформен по допрен глас пред пет години, а се однесувал на набавките за изградба на модуларните болници.
Шефот на ОЈОГОКК, Ислам Абази, појасни дека предметот првично го завела тогашната обвинителка Вилма Русковска, која одреден период постапувала по него и прибавувала документација. Во текот на постапката, според Абази, имало и проблеми при обезбедувањето на дел од доказите.
Потоа по предметот постапувала обвинителката Елизабета Јосифовска, а по нејзиното заминување во Обвинителството во Гостивар, предметот го презела Бержецка-Крстева.
Во рамките на истрагата биле анализирани докази поврзани со повеќе постапки за јавни набавки за вкупно 19 модуларни болници.
Во однос на постапката за набавка на 17-те модуларни болници, обвинителството утврдило дека за објектите биле изготвени потребните елаборати и сертификати.
Светска банка немала забелешки при набавката и вградените материјали, а имала препораки за подобрување на протоколите за заштита од пожар.
Според обвинителката Бержецка-Крстева, од анализираните докази не произлегле дејствија на пречекорување на службените овластувања, а не било утврдено ниту дека при спроведувањето на јавните набавки била причинета штета на Буџетот.
Поради тоа, обвинителството донело одлука дека нема основано сомнение за кривично дело од член 353 од Кривичниот законик – злоупотреба на службената положба и овластување.