Возачите кои користат електронска картичка MCard треба да се подготват за промени при плаќањето на патарините. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) најави дека од 15 јуни ќе започне примена на нов режим на користење на лентите за електронска наплата, со цел да се намалат застојот и гужвите на наплатните станици.
Според новите правила, лентите означени со MTAG ќе бидат наменети исклучиво за возила опремени со електронски тагови, додека плаќањето со MCard повеќе нема да биде дозволено на овие ленти.
Од ЈПДП информираат дека корисниците на MCard ќе треба да ги користат останатите ленти на наплатните рампи, во согласност со нивната намена и поставената сигнализација.
Надлежните апелираат до возачите внимателно да ги следат вертикалните и хоризонталните ознаки на патот, како и електронските информативни табли поставени пред наплатните станици. На сите локации ќе бидат јасно обележани лентите за електронска и за готовинска наплата.
Од претпријатието потсетуваат дека зелената стрелка означува дека лентата е отворена и достапна за користење, додека црвениот знак „X“ означува дека лентата е затворена.
„Почитувањето на сигнализацијата е клучно за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, особено во периодот кога се очекува зголемена фреквенција на возила поради летната сезона“, наведуваат од ЈПДП.
Со воведувањето на новите правила се очекува побрз проток на возила и поефикасно функционирање на системот за наплата на патарините на државните патишта.