Со наближувањето на зимскиот период, возачите во земјава треба да проверат дали нивните автомобили ги исполнуваат условите за задолжителна зимска опрема. Законската обврска започнува на 15 ноември и ќе важи до 15 март 2027 година, а за непочитување е предвидена парична казна од 45 евра во денарска противвредност.
Правилото се однесува на сите возачи, а за патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми постојат две можности за исполнување на условите.
Првата е користење зимски пневматици на сите четири тркала, чија длабочина на шарата не смее да биде помала од четири милиметри.
Возачите можат да користат и летни гуми, но само доколку тие имаат шара со длабочина од најмалку четири милиметри. Во тој случај, во возилото задолжително треба да има и синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.
Тоа значи дека набавката на зимски пневматици не е единствената можност за исполнување на законската обврска. Сепак, оние што ќе одлучат да продолжат да возат со летни гуми мора да ги исполнат двата пропишани услови – соодветна длабочина на шарата и поседување синџири за снег.
За возачите кои ќе бидат затекнати како управуваат со возило без задолжителна зимска опрема, предвидена е глоба од 45 евра во денарска противвредност.
Надлежните потсетуваат дека навремената подготовка на автомобилите не е важна само поради законските санкции, туку пред сè за безбедноста во сообраќајот. Ниските температури, дождот и снегот можат значително да ги отежнат условите за возење, поради што се препорачува возачите навреме да ја проверат состојбата на гумите и потребната опрема.