Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ја суспендира директната линија Франкфурт-Скопје во текот на целиот јуни, додека „Аустријан ерлајнс“ го одложи стартот на најавената нова линија Виена-Охрид. Станува збор за нови промени во летниот распоред на компаниите од групацијата „Луфтханза“.
Според најавите, последниот директен лет на релацијата Франкфурт-Скопје е закажан за 31 мај. До 16 мај линијата ќе се одржува со редовен дневен сервис, а потоа бројот на летови ќе се зголеми на девет до десет неделно сè до крајот на месецот. Во текот на јуни нема да има закажани директни летови, а обновување на рутата се очекува од 1 јули, но без официјално потврден нов распоред.
Од компанијата посочуваат дека патниците за Скопје ќе можат да патуваат преку Виена, каде што превозот ќе го преземе „Аустријан ерлајнс“, исто така членка на „Луфтханза груп“.
Во меѓувреме, „Аустријан ерлајнс“ го одложи воведувањето на новата линија меѓу Виена и Охрид. Наместо на 17 мај, првиот лет сега е планиран за 21 јуни. Според претходните најави, линијата ќе сообраќа еднаш неделно, а во јули и август двапати неделно со авион од типот „Ербас А320“, и ќе биде активна до 18 октомври.
Одлуките доаѓаат по турбулентен период за германскиот авиопревозник, кој во април се соочи со штрајкови, затворање на подружницата „CityLine“ и голем број откажани линии низ европската мрежа.
Само за јуни, „Луфтханза“ откажала 944 неделни летови, додека дополнителни намалувања се најавени и за јули, август, септември и октомври. Дел од рутите се пренасочуваат преку другите компании во групацијата, меѓу кои „Swiss“, „Austrian Airlines“, „Brussels Airlines“ и „ITA Airways“.
Линијата Франкфурт-Скопје беше воведена во април 2023 година, а и претходно беа направени кратења на фреквенциите во зимскиот период.
