Граѓаните на Швајцарија денеска на референдум се изјаснуваат за четири значајни прашања поврзани со економијата, безбедноста, даночната политика и заштитата на животната средина.
Едно од најчувствителните прашања е ублажувањето на ограничувањата за извоз на воена опрема. Предложените законски измени би овозможиле извоз во партнерски земји вклучени во вооружени конфликти, под услов тоа да биде во согласност со швајцарската неутралност, безбедносните интереси и меѓународните обврски на земјата.
Швајцарците одлучуваат и за забрана на продажбата и приватната употреба на бучни огномети. Иницијативата има цел да ги намали бучавата, загадувањето на воздухот, ризикот од пожари и несреќи, како и да обезбеди поголема заштита на луѓето и животните. Пиротехничките средства со ниско ниво на бучава и понатаму би биле дозволени.
На референдумот се гласа и за финансирањето на 13. пензија преку зголемување на данокот на додадена вредност за 0,4 процентни поени. Исплатата на дополнителната годишна пензија беше одобрена во март 2024 година, а за нејзино реализирање првично ќе бидат потребни повеќе од четири милијарди швајцарски франци годишно.
Четвртото прашање се однесува на оданочувањето на брачните парови. Иницијативата предвидува нивните приходи и понатаму да се пресметуваат заеднички за потребите на директниот федерален данок, но без брачните парови да бидат ставени во понеповолна положба од останатите даночни обврзници.
Овој предлог се разликува од веќе одобрениот систем на индивидуално оданочување, кој треба да се применува од 2032 година.