Македонија

Од патарина до крај на јуни инкасирани над 31 милион евра

Од патарина до крај на јуни инкасирани над 31 милион евра

Од почетокот на годинава заклучно со јуни, од наплата на патарина во државата се инкасирани рекордни 1.919.775.277 денари (над 31 милион евра), што е за 21.891.532 денари повеќе во однос на истиот период минатата година, информираат за Македонската информативна агенција (МИА) од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Најфреквентна наплатна станица е Тетово, по која следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија. Според собраните средства и висината на патарината, највисоки приходи остварува Романовце, потоа Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.

Од ЈПДП наведуваат дека секогаш кога има зголемен обем на сообраќај на наплатните станици, особено во летната сезона, Одделението за наплата на патарина изработува акционен план со распоред. На секоја наплатна станица на двата коридора се активираат сите расположливи ленти, при што се дава приоритет и на електронската наплата на патарина (ЕНП) преку „М-таг“, каде што најмалку една лента е постојано во функција за возила што поминуваат без запирање, како и преку „М-карта“ за бесконтактно плаќање без контакт со вработен.

Електронската наплата учествува со 36 проценти во вкупниот промет на 11-те наплатни станици каде што е воведена. Податоците за продажбата и надополнувањето на електронските уреди, особено откако „М-таг“ стана достапен и во продажните салони на телекомуникациските оператори, покажуваат дека уделот на електронската наплата пораснал за шест проценти во рамки на вкупната наплата на патарини.

Од мај годинава „М-таг“ уредите можат да се купат и во продажната мрежа на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, додека претходно беа достапни само во ЈПДП или на наплатната станица Петровец. При промоцијата на можноста за купување на „М-таг“ кај мобилните оператори, раководството на ЈПДП соопшти дека се разгледува воведување на модел на наплата како во Србија, односно затворен систем во кој износот се пресметува според поминатите километри. За таа цел веќе се изработува студија за имплементација на таков систем на Коридорот 8.

Минатата година, заклучно со 23 декември, од патарина беше остварен промет од 4.158.914.362 денари (67.624.624 евра). Извор: МИА.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни