Експозитурата на „Алта банка“ АД Битола во Прилеп ќе започне со работа од понеделник, 16 ноември, соопшти Народната банка. Клиентите кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат готовина до 20.000 денари во период од две недели.
Продолжуваат да работат и филијалите во Струмица и Тетово, како и експозитурата во скопскиот трговски центар „Бисер“. На шалтерите клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на ограничувањата и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од Народната банка потсетуваат дека од 10 ноември се достапни и услугите на електронското и мобилното банкарство. За клиентите со платежни картички важи лимит од 15.000 денари неделно, а за оние без картички — 20.000 денари во период од две недели.
Лимитите се применуваат збирно за сите сметки на еден клиент во банката и за сите канали на плаќање и повлекување средства. Во нив се вклучени плаќањата со картички во продавници и на интернет, подигањето готовина од банкомати и шалтери, како и трансакциите преку електронското и мобилното банкарство.
Физичките лица можат без ограничување да располагаат со новите приливи, доколку средствата се префрлени од сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.
За компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку сметки во „Алта банка“, овозможена е исплата на плати заедно со соодветните даноци и придонеси.
Народната банка наведува дека продолжува да ја следи состојбата и да ги приспособува мерките за полесен пристап на клиентите до средствата и непречено извршување на платежните услуги.