Балкан

Од претседател до пратеник и инфлуенсер: Вучиќ учи собраниски деловник со Ана Брнабиќ

Од претседател до пратеник и инфлуенсер: Вучиќ учи собраниски деловник со Ана Брнабиќ

По изборниот пораз, поранешниот српски претседател Александар Вучиќ сè повеќе ги користи социјалните мрежи за комуникација со јавноста. По видеата во кои подготвува сендвичи, пее во ресторан и испраќа пораки до политичките противници, сега објави и снимка на која Ана Брнабиќ го подучува за собранискиот деловник.

Видеото е објавено во пресрет на конститутивната седница на Народното собрание на Србија, на која Вучиќ по две децении се враќа во пратеничките клупи.

„Подготовките се во тек! Ана ме учи како да го користам Деловникот за работа на Народното собрание. По 20 години повторно сум пратеник, па треба да го обновам материјалот“, напиша Вучиќ на социјалните мрежи.

Во видеото тој објаснува дека повторно се запознава со правата и обврските на пратениците, најавувајќи дека претставниците на неговата партија ќе се однесуваат достоинствено, пристојно и одговорно.

Брнабиќ, пак, го пофали Вучиќ за неговата посветеност на учењето.

„Луѓето треба да знаат, тој е вистински бубалица. Најмногу на светот сака да учи и секој ден учи нешто ново“, рече Брнабиќ.

Телевизиските настапи ги замени со ТикТок и Инстаграм

Ваквите видеа станаа речиси секојдневие откако Српската напредна партија на Вучиќ ги загуби парламентарните избори на 25 октомври од Студентската листа.

Поранешниот српски претседател во изминатите недели објавува и по неколку видеа дневно, преку кои се обидува да одржи директна комуникација со своите поддржувачи.

На почетокот на ноември објави видео во кое подготвува сендвич во седиштето на партијата, а неколку дена подоцна на социјалните мрежи се појавија снимки од негова веселба во белградски ресторан.

Од истиот ресторан беше објавена и снимка во која Вучиќ упати остри пораки до обвинителите, полицајците и студентските активисти.

„Запомнете ги моите зборови, сите ќе одговараат. Сите. Од обвинителите и полицајците до сите лажни студентски лидери кои спроведуваат ваков терор“, порача Вучиќ.

Според анализата на „Дојче веле“, СНС по загубата на власта го променила начинот на комуникација со јавноста, ставајќи поголем акцент врз социјалните мрежи.

Вучиќ, кој со години доминираше на телевизиските екрани, сега сè повеќе се потпира на сопствените профили, преку кои директно ѝ се обраќа на јавноста, без посредство на новинарите.

Конститутивната седница на српскиот парламент ќе биде неговиот прв позначаен политички настап во новата улога по изборниот пораз.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни