Околу сто лица можат да бидат во карантин во објектот во Демир Капија. Вака одговорија од Министерството за труд и социјална политика, на прашањата на МИА во врска со објектот кој беше спомнат како место за времен престој на граѓани кои доаѓаат од странство и треба да бидат изолирани.
Оттаму информираат дека Депандансот во Демир Капија, што се наоѓа во атарот на село Ергеле, е целосно реновиран и функционален. Соопштуваат дека во редовни услови, овој објект ќе функционира како давател на социјални услуги кои не вклучуваат долгорочно згрижување, како што е одмена на семејна грижа и слично.
– Објектот може да се испразни во многу кусо време и да премине на режим на користење за кризни услови. Поврзано со мерките за превенција и спречување на ширење на КОВИД-19, во објектот ќе бидат сместени лица за кои е потребна изолација. Објектот е целосно подготвен за во него, по потреба, да бидат сместени околу 100 лица, стои во писмениот одговор на прашањата.
Од Министерството појаснуваат дека во објектот е обезбедена пристапност за лица со физичка попреченост, оброците ќе бидат дистрибуирани спакувани во индивидуални порции, а здравствена заштита е обезбедена од мобилни здравствени тимови.

