Итна средба со соседите бара министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ова го откри вечерва во интервју за ТВ21.
„Како резултат на случувањата од украинската криза, ние пративме покана до сите министерства за надворешни работи од регионот за итна средба, координативна средба, на која најмалку што можеме да направиме е да ги искажеме нашите официјални ставови, секој поединечно. Ние сме членка на НАТО, кандидат за членка на ЕУ веќе долго време, ќе бидеме претседавачи со ОБСЕ, мислиме дека имаме капацитет, искуство и знаење да помогнеме на регионот. До сега на поканата позитивно се одзва Црна Гора, се надеваме дека и другите земји ќе прифатат“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи ги коментираше и информациите за можна војна на Балканот.
„Како членка на НАТО сега имаме разознавачки информации, кредибилни информации и врз основа на тие информации моментално не треба да бидеме загрижени за воен конфликт на Балканот. Како пример за тие информации како членка на НАТО ќе посочам дека знаевме точно кој ден и во кое време ќе започне руската инвазија на Украина. Сепак во комуникација сме со сите наши партнери кога се работи за можна ескалација на кризата на други места опфаќајќи го и Балканот како жариште. Сите говорат за можни други жаришта како Молдавија, Грузија на пример, секако дека треба да бидеме внимателни, но повторно ќе речам дека според нашите информации моментално нема закани за Балканот“, додаде Османи.