Осум години по потпишувањето на Договорот од Преспа, односите меѓу Македонија и Грција се наоѓаат во фаза на стабилизирана соработка, но и со прашања што сè уште чекаат целосна реализација.
На 17 јуни 2018 година, во Нивици, на брегот на Преспанското Езеро во Грција, Скопје и Атина ставија потпис на договорот со кој беше надминат повеќедеценискиот спор за името. Со договорот, државата го прифати новото уставно име – Република Македонија, а тој процес го отвори патот кон евроатлантските интеграции.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и високи меѓународни претставници.
По ратификацијата во парламентите на двете држави, Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година.
Во изминатиот период Македонија реализираше голем дел од преземените обврски. Беше извршена промената на уставното име, беа направени промени во документите за лична идентификација, регистарските таблички, како и усогласувања во институциите и државната администрација.
Со спроведувањето на договорот, Македонија стана 30. членка на НАТО, што беше една од клучните цели поврзани со решавањето на спорот.
Сепак, и по осум години остануваат отворени прашања во однос на целосната имплементација. Од грчка страна сè уште не се ратификувани три меморандуми за соработка, а не е одржан ниту вториот Совет за соработка на високо ниво, иако договорот предвидува вакви средби да се одржуваат најмалку еднаш годишно.
Дополнителен предизвик претставува и ограничената комуникација на највисоко политичко ниво. Премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис сè уште немаат реализирано официјална билатерална средба.
И покрај политичките несогласувања, економската соработка меѓу двете земји бележи одреден напредок. Реализирани се активности поврзани со енергетската поврзаност, вклучително и гасниот интерконектор, а се работи и на отворање на граничниот премин Маркова Нога – Лемос.
Договорот од Преспа беше важен чекор за евроатлантската интеграција на Македонија, но не доведе до очекувано забрзување на процесот за членство во Европската Унија.
Грција и понатаму ја поддржува европската перспектива на земјите од регионот, додека целосното спроведување на договорените обврски останува еден од клучните фактори за идниот развој на односите меѓу Скопје и Атина.
Осум години по потпишувањето, Договорот од Преспа останува еден од најзначајните дипломатски процеси во поновата историја на регионот – со постигнати резултати, но и со предизвици што сè уште бараат политичка волја и дијалог.