Ова е молитва за Свети Василиј – Изговорете ги овие зборови и спасете се од сите маки и болести

Свети Василиј се родил во с. Мркоњиќ, Попово Поле во Хумската земја (денешна Херцеговина) на 28 декември 1610 година од благочестиви и верни родители, Петар и Анастасија Јовановиќ. Уште како дете се одликувал со бистар ум, а со душата бил целосно насочен кон Бога. Доблестите и набожноста младиот Стојан (тоа му било световното име) ги научил дома, бидејќи во неговото семејство постојано се мислело на Бога и спасението на душата, многу повеќе отколку на материјалните и пропадливи нешта. И макар што неговото семејство било доста сиромашнo, сѐ што имал бил учен да го сподели со другите, посебно кога како мало овчарче одел на пасење со другите деца. Уште како мал постел, се молел и редовно ги посетувал црковните богослужби.

Некои соседи, потурчени Срби, ги замразиле неговите родители, и таа омраза ја пренеле и врз нивното дете, поради неговата побожност. Тоа биле првите искушенија за младата душа, едно од првите со кои ќе треба да се справува низ целиот негов живот. За да го заштитат од непријателите, а и сакајќи да го описменат, неговите родители решиле да го испратат во најблискиот манастир, наречен Завала, посветен на Воведение на Пресвета Богородица, а во која игумен бил неговиот чичко Серафим. Манастирот бил познат низ цела Херцеговина и бил поприлично богат, и таму благоразумниот Стојан се поучувал со мудроста на Светото Писмо и светите отци, во душата му се распламтила во љубовта кон Бога, за прв пат јавувајќи се кај него желбата за замонашување. Во манастирот во Завала преподобниот останал некое време, и потоа заминал во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Тврдош, во Требињскиот крај кој бил седиште на истоимената епархија. Живеејќи во овој манастир, Стојан уште повеќе го засакал монашкиот живот и ги зголемил своите подвизи, затоа што посакал токму таму да го прими светиот и ангелски монашки чин. Целото време го минувал во пост, молитва и бдение, и во телесен труд. На замонашувањето, го прима името Василиј. Ова име му служело како патоказ за идното подвижништво и епископство, да се угледа на големиот црковен ереј Василиј Велики.

После некое време преподобниот се удостоил за ѓаконски и свештенички чин, при што служел пред престолот и жртвеникот Божји побожно и чисто. Откако поседол во манастирот во Завала, се упатил во Црна Гора кај тогашниот митрополит цетињски Мардариј кој го задржал при себе. Но набрзо помеѓу нив се развило нетрпение поради латинското влијание, и одговорот кој требало да следи на истото. Имено, во тоа време, во западните краеви на Православието, зајакнала латинската папска пропаганда, која преку језуитите ја користела тешката положба во која се наоѓале народите кои живееле на тие простори сакала да ги преобрати и потчини под папска власт. На нивната подлост внимание обратил свети Василиј, кој му го посочил проблемот на митрополитот. Митрополитот, пак, за разлика од младиот ревнител, имал многу благ став кон унијатската пропаганда и обидите за латинизација воопшто. Благодарение на чистата и искрена вера, и приврзаноста кон Православието на светителот, православниот народ и свештенството од тие краишта не подлегнале на пропагандата. Св. Василиј го советувал митрополитот борбено да истапи против латинските обиди, и да не се плаши од ништо кога станува збор за одбрана на чистотата на Православната вера, ни митрополитот не го послушал, и напротив, започнал лажно да го обвинува пред народот. Народот не верувал на клеветите на митрополитот, но свети Василиј, сакајќи да се оддалечи од сето злобно окружување во кое се наоѓал, се вратил во манастирот во Тврдош, и таму продолжил со својата борба за зачувување на Православната вера кај верниот народ. И иако примил архимандритски чин, не престанал да оди по народот, да го поучува и поткрепува во неговите маки, сеејќи го Евангелското слово. Неговото дело не минало незапазено ниту од околните муслимани, кои ковале заговор против него и сакале да го убијат. За привремено да се заштити, светиот заминал во Русија, каде поминал некое време, за подоцна да се врати повторно во својот манастир. Враќајќи се од Русија, донел многу богати црковни дарови, свети одежди и црквени книги, а и по малку амтеријална помош за својот народ. Неговото ново, ктиторско делање по манастирите и црквите низ Херцеговина, за што ги охрабрувал и своите собраќа и свештеници, заедно со проповедањето, му создале нови непријатели помеѓу потурчените луѓе, како и латинските агенти. Сакајќи и овој пат да ја одбегне нивната злоба, решил да се упати на Света Гора. Се упатил кон Пеќ, каде што зел благослов од патријархот Пајсиј, кој пак го советувал да не остане на Атос, туку да се врати кај него, оти во него видел квалитетите какви што биле потребни за архиереј кој би требало да се носи со проблемите на обременетото стадо.

Свети Василиј заминал за Света Гора, каде останал цела година, посетувајќи различни манастири и поучувајќи се од светогорските подвижници. Сепак, најмногу време поминал во манастирот Хиландар. По враќањето од Атос, веднаш се јавил кај патријархот во Пеќ. Патријархот не сакал да губи време, и на празникот Преображение Господово го хиротонисал младиот Василиј за епископ Требињски на нецели триесет години. Враќајќи се во Тврдош, народот го пречекал со восхит и љубов, а тој продолжил со своите подвизи, во пост и молитва проповедајќи го Евангелието. Уште тогаш се пројавил како голем чудотворец и бил почитуван како светец. И не одел само тој кај народот, туку и самиот народ како река се сливал кон него, гледајќи во него голем утешител и молитвеник. Покрај милостињата која ја правел, започнал да ги возобновува светите манастири во неговата епархија. Набрзо после тоа, митрополитот источно-херцеговачки пострадал маченички, и свети Василиј бил поставен како негов наследник во таа митрополија. Но во тоа време, турските банди вршеле неред по херцеговачките цркви и манастири, и митрополитот бил принуден да го смени местото на подвизување. Намилсил да престојува во една келија под планината Заграча, но бил посоветуван од тамошните постари луѓе да се упати во Острог, што и го направил.

Од тоа место управувал со својата митрополија цели петнаесет години. Таму почнал да привлекува и други монаси и подвижници, обновувајќи ја црквата Воведение на Пресвета Богородица, изградена од старите острошки подвижници, а подоцна подигнал и црква на Чесниот и Животворен Крст. Живеел крајно испоснички, и неговото исушено тело станало храм на Светиот Дух. Луѓето ја почувствувале чудесната моќ на неговите молитви и за тоа Го прославиле Бога. Одржувал и постојани врски со патријаршијата во Пеќ.

Неуморен во своите подвизи на молитва и пост, физички труд и работа, како и грижејќи се за материјалните и духовни добра за својата паства, светителот се приближил кон крајот на својот земен живот. Се упокоил мирно, без болки предавајќи ја својата душа на Господа на 29 април 1671 година. Во часот на неговото претставување пред Бога, неговата келија заблескала со нежеобична и надземн светлост. Од карпата покрај која се упокоил израснала винова лоза, иако во карпата немало ниту малку земја. Неговото тело било погребено под храмот посветен на светото Воведение на Мајката Божја. Народот започнал да доаѓа да се поклонува и моли на неговиот гроб, и започнале да се случуваат многу чуда. По некое време, светителот се јавил на сон на некој свештеник, и му рекол да го отвори неговиот гроб. Овој не го послушал, па затоа уште неколку пати свети Василиј му се јавувал на сон. Откако почувствувал дека треба да оди во Острог и да го стори тоа, свештеникот се упатил кон Острог; откако се дале на пост, после седмиот ден го отвориле гробот, и го виделе неговото нетрулежно тело, жолто како восок од кое излегувало благопријатна миризба на босилек. Телото било пренесено во самата црква, каде што се наоѓа и денес.

Свети Василиј Острошки- големиот чудотворец, чии мошти се чуваат во манастирот Острог во Црна Гора.

Ова е молитва која треба да се изговори кога му се обраќате за помош на Свети Василиј Острошки.

„Свети Василиј, голем Божји човеку, помогни им на сите и на мене. Голем бранителу на Православните, одбрани не нас, кои твојата Света вера ја држиме и со надеж ти пристапуваме.

Помоли му се на Бога за сите твои луѓе, па и за мене недостојниот последно. Спаси не од бедата на видливите и невидливите.

Осветли ни ги патиштата и разложи ни ја тагата. Со молитва и солзи ја загреваше ладната пештера острошка, па сега загреј ја нашата душа и срце со Божјиот дух, да се спасиме и да го славиме Бога семоќниот и тебе Светецу Божји.

Од сите страни на светот те притискаа, а ти помагаше, ги изгони демоните, ги раскинуваше врските со ѓаволите, и здравје душевно и телесно им даруваше на луѓето.

Така и сега помогни, на крстените и некрстените, како и екогаш, на сите, па и на мене, смирувачу на скараните браќа, збратими ги разбратените, осветли ги тажните, скроти го самоволните, исцели ги болните.

Свети Василиј Чудотворе и Оче наш духовен, слушни ги и исцели ги чедата твои духовни во името на Христа Исус Господ наш. Амин.“

Манастирот Острог е манастир кој се наоѓа на речиси вертикална карпа, високо на планината Острошка греда во Црна Гора. Овој манастир е посветен на Свети Василиј Чудотворец и се наоѓа во близина на Никшиќ, со спектакуларен поглед на Бјелопавличи.

Манастирот Острог во текот на целата година е најпосетеното светилиште во Црна Гора, а после Христовиот гроб и Светата гора, ова е третото најпосетено светилиште во светот од страна на христијаните. Го основал Херцеговачкиот митрополит Василиј (1610-1671) во 17. век.

Овој манастир е обновуван во периодот од 1923 до 1926 година, веднаш после пожарот кој се случил во манастирот при кој делумно биле поштедени пештерските цркви. Во Острошкиот манастир доаѓаат и сиромашни и богати од целиот свет да најдат мир и лек за душата… Манастирот е вдлабнат во карпа, па така нуди величенствена и импресивна глетка.

На околу 3 до 3,5км. одалеченост, во долниот дел од Острог се наоѓа женскиот манастир во кој живеат неколку монахињи, а во горниот машки манастир, се наоѓа кивотот со моштите на св.Василиј Острошкиот-Чудотворец, а за посетителите, монасите како благослов даруваат по едно шише света вода и по едно шише свето масло.

Во манастирите се наоѓаат прекрасни конаци каде може да се престојува. Острошкиот манастир е место за оние кои бараат спокој и тишина, за оние кои бараат некаков лек, за оние кои имаат цврста вера, за оние кои веруваат во чуда…

За чудата и моќта на овој светец и самиот манастир се говори надалеку, па затоа и посетителите се од насекаде низ светот.

Едно од поголемите чуда, кои науката се уште не може да ги објасни и виновата лоза која расте во самиот манастир и излегува од средината на самата карпа. Се вели, оваа лоза се појавила на истото место и во истиот ден кога св. Василије Острошки починал.

Лозата излегува од карпата и расте над самото место кое е обележано како местото на кое тој починал. Нема вода или извор од каде таа се наводенува, едноставно таа сама живее.

Многу жени раскажуваат декаа токму плодовите на оваа лоза им помогнал да зачнат живот, отакако изгубиле надеж дека некогаш ќе бидат мајки.

Преданијата велат дека, после седум години од смртта на Светецот на тогашниот игуман на манастирот Свети Лука во Парохијата во близина на Никшиќ, често му се појавувал во сон, велејќи му да појде во манастирот и да го отвори неговиот гроб.

Кога тој одлучил да појде и да се отвори гробот на Св. Василије, неговото тело било пронајдено неоштетено, дури и се уште мирисало на восок.

Оттогаш, неговите мошти се изложени во ковчег во самиот манастир, каде стојат до ден денес. Покриени со ќебе, на кое има поставено икона, секој посетител може да се приближи до него и да ја каже својата молитва.