Собранието под сенка на извршната власт
Граѓаните сметаат дека Владата има значително поголемо влијание врз Собранието отколку што законодавниот дом врши ефикасна контрола врз извршната власт. Ова се клучните наоди од најновата анализа на јавното мислење „Поглед на Собранието“, објавена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) за 2026 година.
Работата на Собранието е оценета со ниска просечна оценка од 2,7 на скала од еден до пет. Истражувањето покажува дека:
- 21% од граѓаните веруваат дека Владата има целосна контрола врз Собранието.
- Само 3% од испитаниците сметаат дека Собранието ја контролира Владата.
- Најголем дел од граѓаните (30%) не гледаат јасна поделба на моќта, но трендот на доминација на извршната власт останува стабилен низ годините.
Чии интереси застапуваат пратениците?
Перцепцијата за народните избраници е на загрижувачко ниво. Дури 74% од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат своите лични интереси, додека 66% веруваат дека во преден план е интересот на партиското раководство.
Дополнително, 56% од граѓаните сметаат дека бизнис-заедницата има големо влијание во законодавниот дом, додека само 9% веруваат дека пратениците работат во интерес на сите граѓани. Парадоксално, дури 61% од граѓаните не ги ни знаат имињата на пратениците кои ги претставуваат нивните изборни единици.
Трагедијата во Кочани – највпечатлив настан во Собранието
Најзапаметена активност во текот на изминатиот период е надзорната расправа за трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе. Сепак, граѓаните не се задоволни од епилогот:
- 31% од испитаниците ја издвоиле оваа расправа како најзначаен ама и најкритичен момент.
- Мнозинството од нив (42%) го оцениле постапувањето на Собранието со најниска оцена (1), поради незадоволство од односот кон жртвите и одговорноста на институциите.
Доверба во институциите
Општата доверба во државните институции останува на ниско до умерено ниво. На скала од 1 до 10, довербата е следна:
- Претседател на државата: 4,9
- Собрание: 4,8
- Влада: 4,7
- Јавно обвинителство и судство: помеѓу 3,5 и 3,6 (мал пораст во однос на претходните години).
Највисока доверба кај населението сè уште уживаат верските заедници, војската и полицијата. Повеќе од половина од граѓаните (51%) сметаат дека државата се движи во погрешна насока.