Додека полицијата и обвинителството ги утврдуваат причините за денешната несреќа на улицата „Козјак“, во која еден работник загина, а тројца беа повредени, жителите од околните објекти во Кисела Вода се гласни во својот револт против начинот на кој се гради во нивното маало.
„Ова е трагедија“, вели низ солзи постара жена која живее во непосредна близина на градилиштето. Таа за медиумите раскажа дека глетката била страшна и дека спасувањето на последниот работник траело предолго.
„Тројца спасија брзо, но за еден беше кажано дека го извадија дури по час и половина. Многу ми е тешко, зашто и мојот татко загина на сличен начин, само што тогаш немало кој да му помогне“, сведочи сосетката.
Освен жалењето за настраданите, кај соседите преовладува стравот за стабилноста на околните објекти. Тие укажуваат на опасноста од „поткопување“ на темелите во трката за нови станбени квадрати.
Соседите прашуваат како се дозволува копање на длабоки јами на само неколку метри од веќе постоечки згради.
„Не знам како може да се гради вака – зграда до зграда, ѕид до ѕид. Се поткопуваат темели на веќе изградени куќи. Зошто не се реагира навреме?“, прашува револтирано жената.
Од МВР веќе потврдија дека едно лице ја загуби битката за живот под наносите на земја, додека тројцата повредени се наоѓаат на клиниките во Скопје.
