Панчевски во контранапад: Кривична пријава за Советот на обвинители – „Ме одбија со небулозно оправдување за стажот“

Владимир Панчевски, кандидатот за државен јавен обвинител кој вчера не ја доби довербата од Советот на јавни обвинители, најави жесток правен одговор. Тој поднесува кривична пријава против членовите на Советот за злоупотреба на службената положба, обвинувајќи ги за свесно кршење на законот и селективна правда.

Обвинување за кршење на законот

Според Панчевски, членовите на Советот на вчерашната седница ги пречекориле своите овластувања. Тој тврди дека тие постапиле спротивно на конкретни законски одредби при разгледувањето на неговата кандидатура.

„Членовите… ја искористиле својата службена положба и ги пречекориле границите на своето службено овластување, постапувајќи спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство“, наведува Панчевски.

Се вчитува...

„Небулозно оправдување дека сум немал стаж“

Панчевски остро реагираше на образложението за неговото одбивање, нарекувајќи го „срамно“.

„Криењето зад советот со вакво небулозно оправдување дека сум немал стаж е уште еден срам кој историјата ќе го запише“, напиша тој.

„Народот не е слеп, но е погазен“

Во своите статуси на социјалните мрежи, тој направи паралела со минати политички случувања, тврдејќи дека јавноста се манипулира.

„Советот на јавни обвинители денес при очи сите не направи слепи… Народот не е глупав, не е ниту слеп, ниту неписмен, но е погазен, еве по којзнае кој пат“, истакна Панчевски.

Тој предвидува дека процедурата ќе заврши брзо, како „секое чудо за три дена“, и дека ќе биде избран нов обвинител за работите да останат исти како досега.