Папата Лав XIV ја даде својата прва јавна изјава по операцијата на рак на белите дробови, на која беше подложен во Рим во вторникот, при што им се заблагодари на верниците за нивните молитви и поддршка и ги замоли да продолжат да се молат за неговото здравје.
Во средата, Папата преку писмена порака им се обрати на учесниците на симпозиумот по повод десетгодишнината од документот Amoris Laetitia („Радоста на љубовта“). Овој документ, чиј автор е неговиот претходник папата Франциск, се однесува на пасторалната работа на Католичката црква во врска со бракот и семејството.
„Како што знаете, изминативе денови не можев да бидам меѓу вас. Од срце ви благодарам за вашите молитви и за заедничката работа што ја завршивте. Вашата размена на искуства и внимателното слушање навистина претставуваат дар за целата Црква“, изјави Лав XIV, како што пренесе Си-Ен-Ен (CNN).
Тој ја заврши својата порака со молба до верниците да продолжат да го вклучуваат во своите молитви.
„Ве молам, молете се за мене, исто како што јас се молам за вас“, рече Папата.
Во меѓувреме, објавени се нови информации за неговата здравствена состојба. Според достапните извештаи, 71-годишниот поглавар на Католичката црква закрепнува по операцијата, а неговата состојба се подобрува како што се очекуваше.