Во подводната пештера Врело во кањонот Матка во тек е голема спелеонуркачка експедиција. Нејзината главна цел е да се надмине досегашниот рекорд од 287 метри длабочина и да се достигне границата од 300 метри или повеќе во овој импресивен подводен пештерски систем – еден од најдлабоките во Европа и во светот.
Од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ информираат дека експедицијата се реализира во периодот од 10 до 17 октомври и претставува нов сериозен чекор во науката и нуркачкото истражување.
Историја на рекордите во Врело
Пештерата Врело низ годините беше цел на неколку значајни светски експедиции:
- Луиџи Касати (Италија) достигна длабочина од 212 метри.
- Кшиштоф Старнавски (Полска) се спушти до 242 метри.
- Бартломиеј Питала (Полска) со својот тим во 2025 година постави досегашен рекорд од 287 метри.
Со овој резултат, Врело во моментов го зазема третото место на листата на најдлабоко истражени подводни пештери во светот, веднаш зад „Фонт Естрамар“ во Франција (312 метри) и „Елефанте Бјанко“ во Италија (292 метри).
Висока државна поддршка и безбедност на терен
Експедицијата „Врело 2026“ се одржува под генерално покровителство на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Поради комплексноста и ризикот на нуркањето, безбедносната поддршка на терен е на највисоко ниво. Во активностите учествуваат припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, а во целосна приправност се Хеликоптерската единица на МВР, Итната медицинска помош и Црвениот крст. Во подготвителната фаза беа вклучени и единици на Генералштабот на Армијата.