Македонија

Парното греење поевтино од лани

Веќе неколку години по ред парното греење поевтинува иако минимално. Од први август најголемиот снабдувач, БЕГ, има пониски цени за 3.10%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 1.13%, а „Скопје Север“ за 0.76%.

Во 2017-та цените паднаа во просек за 2%, а во 2016-та за дури 10%.

Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.700 денари или 20.400 денари годишно.

Дополнителна негативна страна е што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.

Грејната сезона треба да почне на 15 октомври и да трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.

СТРУЈА ИЛИ ПАРНО? Пресметај ТУКА што е поевтино за твојот дом

Регулаторната комисија за енергетика на својата интернет страница има поставено калкулатор на кој граѓаните ќе може да прават пресметки на трошоците за потрошувачка на електрична и топлинска енергија за тековната зима.

Неговата цел е потрошувачите на едноставен начин со внесување на неколку параметри да добијат информација колкави би биле нивните трошоци за електрична енергија, односно колку би плаќале месечно за услугите на топлификацискиот систем во Скопје, за загревање на една иста грејна површина.

За пресметка на трошокот за топлинска енергија единствено што е потребно да се внесе е грејната површина на станот, со што се добива просечниот месечен трошок за греење со овој вид на енергија.

Исто така, во делот на топлинската енергија има опција потрошувачите да пресметаат колкав е просечниот трошок доколку се исклучени од топлификациониот систем, што е значаен податок кога ќе ја прават севкупната споредба на трошоците.

Со цел да се добие најреална споредба на трошоците за греење со електрична, односно топлинска енергија, потребно е да се има во предвид дека пресметката треба да се однесува за приближно еднакви услови, односно за иста површина и приближно ист период на греење во текот на денот.

За да пресметате, одете на www.erc.org.mk и потоа кликнете на калкулаторот кој се наоѓа во десниот дел од веб страната. Ќе ви се отворат две опции – електричка и топлинска енергија, пресметајте ја и едната и другата и проверете која опција е поевтина.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни