Тешка сообраќајна несреќа во Србија завршила со повреди на седум лица, меѓу кои шест малолетни деца. Две од децата се здобиле со тешки повреди опасни по живот, откако автомобилот во кој се превезувале излетал од коловозот и се превртел.
Несреќата се случила на 20 септември околу 00:30 часот на патот меѓу Алибунар и Селеуш, соопшти Основното јавно обвинителство во Панчево.
Според информациите од Обвинителството, со автомобилот „Опел Астра“ управувал 43-годишниот татко, а со него во возилото биле неговата сопруга и нивните шест малолетни деца.
При полициската контрола кај возачот биле измерени 1,70 промили алкохол. Дополнително, постои сомнение дека возел со брзина која не била приспособена на условите на патот.
Во еден момент возачот изгубил контрола над возилото, по што автомобилот излетал од коловозот и се превртел. Во несреќата биле повредени сите седум лица кои се наоѓале во возилото.
Кај пет лица биле констатирани полесни телесни повреди, додека две малолетни деца се здобиле со тешки повреди опасни по живот.
По наредба на дежурниот јавен обвинител, 43-годишниот возач е задржан до 48 часа. По истекот на задржувањето, тој треба да биде изведен пред надлежниот јавен обвинител на сослушување.