Македонија

Пациент загинал во пад од тераса на Дигестивна хирургија – надлежните четири дена не кажувале

Пациент загинал во пад од тераса на Дигестивна хирургија – надлежните четири дена не кажувале

Пациент од Кавадарци на возраст од 72 години пред четири дена загинал откако паднал од тераса на третиот кат на Дигестивната хирургија, објави „Канал 5“.

Настанот се случил во неделата околу три часот по полноќ, откако ден претходно бил опериран, а во понеделник требало да ја напушти болницата. Тој паднал од терасата на третиот кат, на платформата од вториот кат од клиниката. Телото е предадено на обдукција.

Надлежните официјално не кажуваат како дошло до трагичниот настан, наведува „Канал 5“ во прилогот.

Роднините велат дека ќе бараат одговорност за трагедијата.

„Мора да се испита тоа, како паднал, како дошол до шок-соба во КАРИЛ, како дошло до смртта, мора да видиме. Туку-така наеднаш ни кажаа: паднал од два метра, дека треба да го земам, одам на КАРИЛ, ми кажуваат дека паднал од трети на втори и дека умрел“, вели роднина на починатиот во изјава за телевизијата.

Нема одговор ниту на прашањето зошто надлежните во Клиничкиот центар не ја известиле јавноста за случајот. За смртта на пациентот не извести ниту МВР во редовните полициски билтени изминатите денови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни