Неколку пензионери од Призрен, кои целиот свој труд го вложиле во Македонија, велат дека веќе три месеци не ги добиле своите пензии. Тврдат дека иако целосната документација ја доставиле навреме, сепак не ги добиле пензиите.
„Веќе три месеци немам земено пензија. Документите ги доставив. Кога отидов таму ми рекоа – кажи ни го пензискиот број и оди ќе ти стигне пензијата“, Хаџи Пиреци – пензионер од Призрен.
Рамадан, исто така пензионер, за да види што се случива отишол во канцелариите на Пензискиот фонд во Скопје, но од таму му рекле – потврдите дека лицата се живи не биле испратени навреме.
„И јас го делам проблемот со претходниот говорник. Веќе три месеци немаме земено пензија. Бев и во Скопје, но таму ни велат дека имаме проблем со документите кои потврдуваат дека сме живи, но ние ги имаме тие документи. Еве погледнете, на 5-ти октомври сум го испратил писмото“, Рамада Пиреци – пензионер од Призрен.
„Потврдите од октомври и ноември ги испративме регуларно. Еве доказ е и писмото дека сме ги испратиле потврдите. Ги испративме преку пошта. Станува збор за значителен број пензионери од Призрен. Десетици пензионери не земале пензија“, вели Фатмир Пиреци – пензионер од Призрен.
Но, од Пензискиот фонд велат поинаку:
„Корисниците на пензија должни се двапати во годината да достават потврда за живот. Одреден број на корисници на пензија не доставиле навреме потврда за живот и им је стопирана исплатата на пензија од страна на Фондот. За сите оние корисници кои меѓувремено доставиле потврда за живот исплатата на пензија ќе биде извршена на крајот на месец декември“, велат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Пензионерите со кои поразговаравме велат дека освен нив, има уште десетици други пензионери кои се соочуваат со истиот проблем.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ