Перински: Општините губат до 100 милиони евра годишно поради неажурирани даночни бази, дигитализацијата ќе ја сопре селективноста
РРедакција|
Општините во Македонија на годишно ниво губат меѓу 80 и 100 милиони евра бидејќи не ги собираат соодветно сопствените приходи, пред сè данокот на имот, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“.
Коментирајќи го барањето на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за зголемување на процентот од ДДВ на најмалку 10% и на персоналниот данок на 50%, министерот истакна дека таквото барање би било очекувано доколку централниот буџет има неограничени можности, но дека реалноста налага прво да се искористат постојните законски механизми.
Во моментов, покрај блок-дотациите, општините од централниот буџет добиваат по 6% од персоналниот данок и од данокот на додадена вредност (ДДВ).
Според најновото истражување на Министерството за локална самоуправа, завршено пред две недели, главниот проблем лежи во тоа што локалните самоуправи немаат ажурирана, автоматизирана база на даночни обврзници.
„Ако сакаме да бидеме максимално искрени, општините губат околу милијарда и 100 милиони денари само затоа што во нивните бази немаат евидентирано физички објекти – куќи, станови, комерцијални објекти и слично. Кога излегуваме со барања за повеќе пари од државата, мора да бидеме чесни и да признаеме дека не сме ги искористиле доволно опциите кои веќе ни се дадени“, потенцираше Перински.
За таа цел, Министерството веќе внесе соодветен документ во владина процедура со кој ќе се формира посебна работна група за поголема финансиска независност на општините.
Владата формира координативно тело во кое ќе бидат вклучени сите засегнати страни: Министерството за финансии, Управата за јавни приходи (УЈП), Катастарот, Министерството за дигитализација, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Целта е да се создаде софтверско решение, а по потреба и да се смени легислативата, за да се поврзат институциите во автоматизиран систем.
„Кога ќе купите нов имот или ќе се промени сопственоста, таа информација веднаш, по автоматизам, ќе се префрла меѓу Катастарот, УЈП и општината. На крајот на годината, даночното решение ќе се генерира автоматски, без субјективен пристап на некој вработен во даночното одделение или на градоначалникот“, појасни министерот.
Перински додаде дека градоначалниците и општините имаат слух и позитивно реагираат на оваа иницијатива, бидејќи дигитализацијата е одлична алатка во борбата против корупцијата. Со овој систем ќе се оневозможи селективното постапување – на кого да му се издаде, а на кого да не му се издаде налог за плаќање данок.
„Ова е чесен пристап и кон оние граѓани кои редовно си ги плаќаат обврските. Не може системот за некој да биде мајка, а за некој маќеа. Мора да има трајно системско решение кое ќе ги обезбеди овие големи суми на пари што им се реално многу потребни на општините“, заклучи Перински.