Македонските општини секоја година губат значителни финансиски средства поради недоволна наплата на сопствените приходи, особено на данокот на имот, оцени министерот за локална самоуправа Златко Перински во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“.
Според него, загубите на локалните самоуправи се движат меѓу 80 и 100 милиони евра на годишно ниво, што претставува сериозен предизвик за нивната финансиска стабилност.
Осврнувајќи се на барањето на ЗЕЛС за зголемување на процентот од ДДВ и персоналниот данок што се распределува кон општините, Перински посочи дека пред да се бараат дополнителни средства од централниот буџет, потребно е целосно да се искористат можностите што веќе ги нуди постојниот систем.
Тој наведе дека најновото истражување на Министерството за локална самоуправа покажало дека голем дел од проблемот произлегува од неажурирани и нецелосни бази на даночни обврзници во општините.
„Ако сакаме да бидеме максимално искрени, општините губат околу милијарда и 100 милиони денари само затоа што во нивните бази немаат евидентирано физички објекти – куќи, станови, комерцијални објекти и слично. Кога излегуваме со барања за повеќе пари од државата, мора да бидеме чесни и да признаеме дека не сме ги искористиле доволно опциите кои веќе ни се дадени“, изјави Перински.
Во насока на подобрување на состојбата, Министерството веќе доставило документ во владина процедура за формирање работна група која ќе работи на зголемување на финансиската независност на општините.
Планирано е формирање координативно тело во кое ќе учествуваат Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Катастарот, Министерството за дигитализација, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Целта е да се воспостави автоматизиран систем за размена на податоци меѓу институциите.
„Кога ќе купите нов имот или ќе се промени сопственоста, таа информација веднаш, по автоматизам, ќе се префрла меѓу Катастарот, УЈП и општината. На крајот на годината, даночното решение ќе се генерира автоматски, без субјективен пристап на некој вработен во даночното одделение или на градоначалникот“, појасни министерот.
Перински нагласи дека дигитализацијата може значително да помогне во спречување на селективното постапување и во зголемување на транспарентноста при наплатата на данокот на имот.
Според него, ваквото решение ќе обезбеди еднаков третман за сите граѓани и ќе овозможи општините да располагаат со средства кои реално им се потребни за функционирање и развој.