До овој момент вкупно пет македонски семејства побарале помош или асистенција при евакуација од подрачјата зафатени со пожарите во Грција, според информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во координација со надлежните грчки власти, тие биле упатени кон најблиските точки определени за оваа намена, каде што биле згрижени и останатите туристи, наведуваат од Министерството.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш апелира до македонските државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја и имаат потреба од помош да се обратат на дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736, на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk, како и на дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Воедно, ги потсетуваме македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти, додаваат од МНРиНТ.